Ирак: Источниот дел од Мосул целосно ослободен од борците на ИД

25.01.2017 12:32

Ирачаните ја прославија победата во источен Мосул. Хуманитарните организации се загрижени за оние кои и натаму остануваат во западниот дел на градот кој е се уште под контрола на исламистите.

Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади изјави дека источниот дел од Мосул е целосно ослободен од борците на Исламска држава. Офанзивата почна пред три месеци.

„Исламска држава се повлече брзо, никој не го очекуваше тоа. Храброста на нашите сили е причина за поразот на џихадистите“, изјави Хајдер Ал Абади, премиер на Ирак.

„Го прославуваме целосното ослободување на градот Мосул. Источниот дел е исчистен и ни остана уште многу малку. Мосул е наш и остануваме овде“, вели Незар Хамед, војник.

Истрагата за непочитување на човековите права во конфликтот ќе продожи, а одговорните ќе бидат изнесени пред суд. Хуманитарните организации се загрижени за оние кои и натаму остануваат во западниот дел на градот кој е се уште под контрола на исламистите.

„Воздушните напади продолжуваат, а со нив се зголемува и бројот на жртвите. Немаме конкретна цифра зашто џихадистите ги окупираат домовите на цивилите кои ги користат како жив штит. Загрижени сме за безбедноста на 750.000 луѓе кои се на територија под нивна окупација“, изјави Равина Шамдасани, ООН.

Мосул е втор по големина град во Ирак и е последното градско упориште на екстремистите.

 

Маја Филдишев