АЕК: Најмногу поплаки за високи сметки, мобилна телефонија и интернет

25.01.2017 12:51

Од Агенцијата за електронски комуникации сугерираат телекомуникациските оператори да работат на подобрување на мрежната покриеност...

Во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) најмногу поплаки се регистрирани за високи сметки, мобилна телефонија и интернет. Лани имало 8.400 пријави во контакт центарот. За речиси илјада е поведена постапка за спор.

Од Агенцијата сугерираат телекомуникациските оператори да работат на подобрување на мрежната покриеност.

Најчесто пријавуван проблем е сонеж во вистинитоста на износот фактуриран од страна на операторот, односно висока сметка. Потоа следат приговори за неквалитетна услуга, ненавремена услуга, прекин на услуга, роаминг и друго. Можеме да констатираме дека покриеноста со сигнал и квалитетот на сигнал е поле кое треба и  понатаму да се унапредува за корисниците да добијат услуга од која навистина ќе бидат задоволни, истакна директорот на АЕК, Сашо Димитријоски.

Анализите на АЕК  покажуваат дека 20 проценти од пријавите се за услуги во говорната мобилна телефонија, а на второ место се споровите за интернет услугите во мобилната телефонија со околу 18 проценти.