170 компании- нови големи даночни обврзници
Во нив влегуваат фирми од нафтената индустрија, енергетиката, металургијата, сите банки, осигурителните и лизинг компаниите, странските инвестиции, позначајните јавни претпријатија...

Уште 170 компании ги исполнија критериумите за влез во групата на големи даночни обврзници, за кои се грижи посебна Дирекција во Управата за јавни приходи. Во нив влегуваат фирми од нафтената индустрија, енергетиката, металургијата, сите банки, осигурителните и лизинг компаниите, странските инвестиции, позначајните јавни претпријатија. Сите тие се издвојуваат според годишниот бруто промет, вкупно платените даноци, остварените финансиски резултати.
Бројот на фирми кои се квалификуваат како големи даночни обврзници е за три пати поголем од 2006 година кога беше формирана Дирекцијата. Ова говори доволно за развојот на капацитетите на Дирекцијата но и за економскиот развој на земјата, рече министерот за финансии Кирил Миноски, на Конференција организирана по повод влегувањето на новите даночни обврзници во оваа Дирекцијата.
Тој додаде дека големите претпријатија имаат значајно влијание на растот и развојот на економијата. Како што истакна, тие се креатори на голем број работни места, носители на технолошкиот прогрес, на извозот и растот на БДП.
Согласно податоците, уделот на големите даночни обврзнци кои се администрираат преку Дирекцијата во полнење на државната каса изнесува 44,42 проценти, потенцира директорката на УЈП, Анастасија Илиеска.
Дирекцијата за големи даночни обврзници бележи континуиран раст на корисници која денес изнесува 435, споредено со 2006 година кога броеше 133 корисници.
