„Македонски шуми“ со нов систем за евиденција на дрвната маса

25.01.2017 14:19

Со електронскиот начин на следење на дрвото од шумата до крајниот потрошувач се подобрува целиот систем, велат од „Македонски шуми“. Се намалува можноста за манипулации и кражби.

Почна да функционира новиот систем на евиденција на дрвна маса. Со електронскиот начин на следење на дрвото од шумата до крајниот потрошувач се подобрува целиот систем, велат од „Македонски шуми“. Се намалува можноста за манипулации и кражби.

„Досегашното рачно правење испратници, фактури, евидентирање, книжење што беше голем проблем, е заменето со најсовремено софтверско и хардверско решение. Контролите сега ќе бидат многу лесни зашто буквално се ќе се следи. Нема да има простор за какви било злоупотреби, фактури и испратници ќе се издаваат на самото место. Ако некој не платил или има долг кон „Македонски шуми“, не ќе може да реализира набавка“, истакна директорот Жарко Караџоски на денешната прес-конференција.

Дневно и континуирано следење на целокупното производство, добивање навремени и точни информации за извршената сеча, дотур и превоз на дрвни сортименти директно од ШСЕ, како и можност за навремено реагирање и менаџирање со производството од страна на одговорните лица, се само некои од придобивките на софтверското работење.