АЕК: Најмногу поплаки за високи сметки и слаб интернет

25.01.2017 14:52

Во Агенцијата за електронски комуникации најмногу поплаки се регистрирани за високи сметки, мобилна телефонија и интернет. Лани имало 8.400 пријави во контакт центарот. За речиси илјада е поведена постапка за спор. Од Агенцијата сугерираат телекомуникациските оператори да работат на подобрување на мрежната покриеност.

Високи сметки, слаб сигнал на интернет, ненавремна услуги, прекини во мобилното и фиксното ало– поплаки од граѓаните во контакт центарот на Агенцијата за телефонски комуникации. Лани имало 8.400 повици, за речиси 980-тина е поведена постапка за спор, од АЕК велат 85 насто добиле завршница. Но, се покажало дел од приговорите за фактурираниот износ се неоправдани.

„20 проценти од пријавите се за услуги во говорната мобилна телефонија, а на второ место се споровите за интернет услугите во мобилната телефонија со околу 18 проценти. Можеме да констатираме дека покриеноста со сигнал и квалитетот на сигнал е поле кое треба и  понатаму да се унапредува за корисниците да добијат услуга од која навистина ќе бидат задоволни“, изјави Сашо Димитријоски, директор на АЕК. 

Приговорите за роаминг услугите се намалени за речиси 40 насто во споредба со претходните години, според АЕК откако телекомуникациските оператори со порака ги известуваат корисниците за надминати 1.000 денари во дата роаминг и 3.000 за разговори. Наскоро се очекува на пазарот да почне да работи и новиот втор виртуелен оператор. Првиот човек на Агенцијата вели, има интерес и за трет мобилен оператор.

„Ако се земе предвид дека инвестицијата чини над 100 милиони долари за мрежен оепратор во Македонија и тоа е сериозна инвестиција, па ние не можеме да очекуваме да заврши за месец или два, а интерес има“, вели Димитријоски.

Контакт центарот во АЕК функционира веќе шест години, на бројот 190 корисниците може да пријават проблеми во мобилната и фиксната телефонија.

 

Сузана Фиданска- Стоевска