Министерството за култура ја презентираше програмата за 2017-та година

25.01.2017 15:25

Концерти, театарски претстави, манифестации, изградба на капитални објекти. Министерството за култура најави богата програма и во 2017- тата. Буџетот за програмските содржини е околу 800 милиони денари, а во издавачката дејност ќе се поддржат 426 проекти. Најавени се и големи театарски спектакли како и изградба на неколку национални установи.

Поинтензивна промоција на македонската култура, театарски спектакли, концерти, манифестации, опери, премиерни изведби. Министерството најави богата програма и во 2017 година. Во фокусот ќе биде и поддршката на музички проекти и настани како што се „Звуците на чаршијата“ и Културното лето. Во издавачката дејност годинава ќе бидат поддржани 426 проекти од кои 336 публикации. Дополнително ќе се работи на обнова и изградба на нови културни објекти.

Во драмската дејност се прифатени 125 проекти, а ќе има и театарски спектакли кои треба да внесат нова свежина во репертоарот. Приоритет ќе бидат и многубројните активности за меѓународна промоција на македонската култура.

За овие проекти министерството за култура располага со буџет од речиси 800 милиони денари, за 15 проценти поголем од лани.

 

Викторија Милевска