Песна, нови фотографии и многу фанови за роденденот на Тоше

25.01.2017 16:15

Денеска на 25-ти јануари е роденденот на нашата и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. Требаше да прослави 36 години. Тоше го нема веќе 10 години. Фондацијата „Тоше Проески“ и спомен куќата на Тоше во Крушево промовираа необјавена песна, изложија нови фотографии на Тоше и спроведоа крводарителска акција. Споменот на тоше живее во нашите срца, порачаа фановите.

Со инструменталната верзија на песната „Никада“, со досега необјавени 10-ина фотографии на Тоше и со крводарителска акција бројните фанови на Тоше од целиот Балкан го одбележаа неговиот 36-ти роденден. Без Тоше, но со него во срцата.

„Го сакаме Тоше. Со љубов му враќаме. Иако не го сретнавме, ја освои нашата душа“, вели Дарја Илич од Словенија.

„Доаѓам сите години откако го нема. Го нема, но тој е тука“, изјави Бруна Хохњец, од Загреб, Хрватска.

„Годинава се навршуваат и 10 години откако го нема Тоше, но ќе има нови проекти“, изјави Наташа Кандрашова од северна Русија.

„Би го спомнал новиот англиски албум кој е во фаза на подготовка, исто така со поддршка на Министерството за култура планираме голем концерт- Деценија без Тоше“, вели Андреј Николоски, фондација „Тоше Проески“.

Музејот на Тоше е еден од најпосетените во земјава со преку 350 000 гости.

„Имаме над 350.000 посетители од кои 30 проценти доаѓаат од странство“, потврди Елена Мирчевска, спомен куќа „Тодор Проески“.

Постхумно од Тоше се објавени три албуми, има уште материјали во студијата низ Балканот. Во Македонската опера и балет е и финалето во изборот на учесниците во мјузиклот „Тајно моја“.

 

Елизабета Митреска