„Кога денот немаше име“ премиерно на Берлинскиот филмски фестивал

25.01.2017 16:30

„Кога денот немаше име“ нов македонски филм на Теона Стругар Митевска своја премиера ќе има на престижниот филмски фестивал во Берлин. Филмот е македонски мнозински проект кој е реализиран во продукција на „Сестри и брат Митевски“ со копродуценти од Словенија и Белгија. Поддршката од страна на Агенцијата за филм на Македонија изнесува 500 илјади евра, а покрај тоа филмот е финансиран и од страна на „Еуроимаж“.

„Кога денот немаше име“ својата премиера ќе ја има на 14-ти февруари на престижниот Берлинскиот филмски фестивал. Продуцентката Лабина Митевска, вели дека ова е еден од најзрелите филмови на Теона, носи уникатен стил на визуелно раскажување.

Буџетот на филмот е 1,1 милион евра, поддржан е и од Агенцијата за филм, но и од европскиот фонд „Еуроимаж“. Во проектот учествуваат и продукции од Словенија и од Белгија. Од Агенцијата за филм велат дека се работи во насока на унапредување на филмската дејност.

На Берлинскиот фестивал конкурираат над 10 илјади филмови, само од регионот има над сто. „Кога денот немаше име“ е трето учество на Теона на Берлинскиот филмски фестивал со долгометражен филм.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска