„Кралот Лир“ ја отвора театарската сезона во Велес
Со Шекспировиот „Кралот Лир“ годинава се крева завесата во велешкиот театар...

Со Шекспировиот „Кралот Лир“ годинава се крева завесата во велешкиот театар. Според режисерката Ѕвездана Ангеловска оваа класична драма поставена на современ начин се занимава со основните вредности на семејството од една страна и од друга одговорноста на самиот кралот. Дилемите и прашањата на Лир и денеска се актуелни вели, Ангеловска.
„Херметички затворена шума во која се испреплетуваат човечките животи позади интриги, лаги, измами, каде се затвораме и дури ги затвораме другите“, рече Ѕвездана Ангеловска, режисер.
Шекспировите драми се малку застапени во македонските театри. Затоа сите очекувања се дека Кралот Лир ќе побуди интерс кај публиката и долго време ќе биде на репертоарот.
„Јас го играм Кралот Лир, еден лик кој спаѓа во самиот врв на светската драматургија и кој го играле актерски имиња во светски рамки, а во Македонија ретко е поставуван“, рече Јордан Витанов, актер.
„Претставата отвора значајни суштествени прашања за нас самите и ќе биде не само освежувања за нашиот театар туку ќе биде примамлива и за публиката од другите градови“, рече Васил Зафирчев,актер.
Во „Кралот Лир“ игра целиот актерски потенцијал на велешкиот театар. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Александра Крнинова Груев, а изборот на музиката на Ѕвезда Ангеловска. Премиерната изведба е закажана за четврток со почеток во 19.30 часот.
Дијана Иванова
