Започнува изградбата на ѕид кон Мексико
Американскиот претседател Доналд Трамп ја започна реформата на имиграцијата во Соединетите Американски Држави со неколку извршни наредби за обезбедување на границите, депортација на илегалците со криминално досие и привремена забрана на бегалци од земји каде има терористички организации.

По наредба на американскиот претседател Доналд Трамп од денеска започнува изградбата на ѕид кон Мексико. При посетата на Департментот за домашна безбедност, Трамп соопшти дека одобрил вработување на 5.000 гранични агенти и зголемување за четири пати на силите за имиграција и царина. На јужната граница долж ѕидот кон Мексико ќе се изградат центри за приведување на илегалците.
„Ние се наоѓаме сред криза на нашата јужна граница. Невидениот прилив на илегални мигранти од Средна Америка и наштетува и на Америка и на Мексико. Верувам дека чекорите што ќе ги преземеме, почнувајќи од сега, ќе ја подобрат безбедноста во двете држави. Ова ќе биде навистина добро и за Мексико. Нација без граници не е нација. Почнувајќи од денеска Соединетите Американски Држави ќе си ја вратат контролата на границите. Ќе си ги вратиме границите“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател го укина федералното финансирање на градовите како Чикаго, Њујорк и Сан Франциско, што се безбедни засолништа за илегалците. Укината е праксата на приведување и потоа ослободување на илегалците. Силите за имиграција ќе можат да ги апсат и протеруваат илегалците со криминално досие. Привремено е забранет прием на бегалците од Сирија, Ирак, Јемен, Судан и други држави во коишто има терористички организации. Ова ќе биде на сила се додека не се воведе екстремна проверка на барателите на виза во Стејт Департментот, по стапувањето на функција на новиот државен секретар Рекс Тилерсон.
Комитетот за надворешни работи на Сенатот го потврди Рекс Тилерсон за нов државен секретар, но тој ќе ај преземе функцијата во Стејт Департментот дури идната недела.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
