На Пелистер на повеќе пунктови се остава храна за дивечот
Поострата зима и обилните наслаги на снег се опасност за опстанокот и на дивечот. Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“ постојано на 35 места врши дотур на храна на животинскиот свет кој на Пелистер го сочинуваат 46 различни видови на диви животни.

Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“ не дозволува острата зима и обилните наслаги на снег да бидат опасност за преживувањето на дивечот. Ренџерот Ило Стерјовски со своите колеги секојдневно распоредуваат соодветни количини на бали со сено, пченица, пченка, сол и разлини видови на минирели на 35-те места одредени за дотур на храна на трите пунктови.
„Вршиме прихрана на пунктовите Пелистер, Вртешка и Брајчино и во зависност од врнежите на снег се дотура храната на одредени места. Имаме направено и копанки кои ги полниме со храна и тука животните се навикнати да доааѓаат“, вели ренџерот Ило Стерјовски.
Оваа зима е поостра во однос на минатите па дивечот по храна слегува дури во подножјето на планината, вели искусниот ренџер. На местата каде тие вршат прихрана животните доаѓаат во ноќните и раните утрински часови. Дека ги има во поголем број и од различни видови, доказ се трагите што ги сними нашиот објектив.
Пелистер е богат со фауна. Во овие предели дури 46 различни видови на диви животни егзистираат во Националнот парк „Пелистер“.
Прихранувањето на дивечот во зимски услови е вообичаена постапка во нашиот најстар национален парк.
„За еден турнус на прихрана користиме од 50- 100 килограми на пченка и пченица, 40-тина бали со сено и 40-тина килограми со различни минерали“, вели Пеце Цветановски, лице задолжено за односи со јавноста во Националниот парк „Пелистер“.
Најчести конзументи на менито се срните, зајаците, дивите свињи и повеќе видови на птици. Од Управата на Националниот парк велат дека дотурот ќе се врши сѐ додека има потреба. Доколку условите стануваат попроблематични, количините на храна ќе се зголемат сѐ со цел дивечот полесно да ги преброди тешките, за нив моменти.
Стевче Митревски
