ЕУ бара стабилна, цврста и одговорна влада

26.01.2017 13:02

Еврокомесарот Јоханес Хан, заедно со европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн излегоа со заедничко соопштение за состојбите во Македонија. Сметаат дека парламентарните избори на 11-ти декември се важен чекор за надминување на политичката криза во земјата. Апелираат процесот да продолжи за да се врати земјата на евроинтеграцискиот пат. Порачуваат- нема време за губење.

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, заедно со европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн излегоа со заедничко соопштение за состојбите во Македонија.

Сметаат дека парламентарните избори на 11-ти декември се важен чекор за надминување на политичката криза во земјата. Апелираат процесот да продолжи за да се врати земјата на евроинтеграцискиот пат. Порачуваат- нема време за губење.

„Апелираме до сите политички лидери да најдат заеднички јазик за формирање стабилна, цврста и одговорна влада, и целосно да ги почитуваат роковите. Таквата коалиција треба да се потпира на силен, инклузивен и реформски консензус и меѓуетничка соработка. Ова е витално за земјава да се врати на евроинтегративниот пат, за што се заложија сите партии, а граѓаните го посакуваат и заслужуваат. Ова е долгорочен процес што бара од партиите кои ја делат оваа стратегиска цел да работат заеднички за да ги остварат неопходните промени. Апелираме до сите политичари да продолжат да работат силно и посветено за имплементација на договорот од пржино и за спроведување на итните реформски приоритети, да ја поддржат работата на Специјалното јавно обвинителство, кое мора да има време и ресурси да ја врши својата работа независно и неисполитизирано“, стои во соопштението.