Три дена до крајниот рок за составување нова Влада
Уште три дена до крајниот рок за составување нова Влада. Според најавите утревечер ДУИ ќе решава дали ќе коалицира со ВМРО ДПМНЕ. Од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат детали за разговорите со интегративците, СДСМ пак чека каков ќе биде исходот до недела. Еврокомесарот и тројката европратеници со заедничко соопштение- бараат брзо формирање влада и спроведување на реформите.

В недела истекува уставниот рок до кога мандатарот Груевски треба до Собранието да ги достави програмата и владиниот тим. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ засега не откриваат детали до каде се разговорите за формирање парламентарно мнозинство. Според најавите, утревечер, во Мала Речица треба да се состане централното претседателство на Демократската унија за интеграција, на кое партијата ќе решава дали ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Без конкретни детали и од ВМРО-ДПМНЕ за текот на разговорите, освен веќе некокупати повторената фраза дека доколку има нешто конкретно јавноста ќе биде известена. Она што се повторува како цврст став е дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа продолжување на мандатот на СЈО и промена на Уставот за двојазичност на целата територија на државава. Од СДСМ пак, велат дека ќе чекаат до недела, бидејќи Груевски го има мандатот за состав на новата влада. Потпретседателот Манчевски без конкретен одговор каков е ставот на партијата за платформата на ДУИ, Беса и на Алијанса за Албанците, освен што додаде дека и СДСМ има своја платформа.
„Не се работи само за платформа на овие три партии, и ние имаме наша платформа која, кога ќе дојде време ќе ја презентираме и на јавноста и на потенцијалните коалициски партнери“, изјави Дамјан Манчевски- потпретседател на СДСМ.
За состојбите во Македонија со заедничко соопштение се огласија еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн. Сметаат дека парламентарните избори на 11 декември се важен чекор за надминување на политичката криза во земјата. Апелираат процесот да продолжи, за да се врати земјата на евроинтеграцискиот пат, порачувајќи дека нема време за губење.
„Апелираме до сите политички лидери да најдат заеднички јазик за формирање стабилна, цврста и одговорна влада, и целосно да ги почитуваат роковите. Таквата коалиција треба да се потпира на силен, инклузивен и реформски консензус и меѓуетничка соработка. Ова е важно за да се врати земјава на евроинтегративниот пат, за што се заложија сите партии, а граѓаните го посакуваат и го заслужуваат. Ова е долгорочен процес што бара од партиите што ја делат оваа стратегиска цел да работат заеднички за да ги остварат неопходните промени“, се вели во заедничкото соопштение.
Хан и тројката европратеници до сите политичари апелираат да продолжат да работат силно и посветено за имплементација на договорот од Пржино и за спроведување на итните реформски приоритети, да ја поддржат работата на Специјалното јавно обвинителство, кое мора како што стои во дописот, да има време и ресурси да ја врши својата работа независно и неисполитизирано.
Милчо Велески
