Жбогар: Патот до почист воздух е во рацете на секој граѓанин

26.01.2017 14:51

Патот до почист воздух во земјата е во рацете на секој граѓанин, порача шефот на делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар. На завршната конференција на Твининг- проектот за квалитетот на воздухот, апел- да се преземат мерки за воведување пар-непар. Од Министерство за животна средина велат дека ќе ги преполоват службените возила за да придонесат кон решавање на проблем со аерозагадувањето. Предлагаат истото да го направат и другите министерства.

Да се воведе сообраќаен режим пар- непар, државните и јавните институции за 50 проценти да го намалат користењето на сужбените автомобили. Ова се дел од мерките кои ги предлагаат од Министерството за животна средина и просторно планирање за подобрување на квалитетот на воздухот.

Граѓаните се согласни дека треба да се преземат активности за аерозагадувањето. Oд Министерството за животна средина велат дека се зајакнати капацитетите за мониторинг на воздухот, а се изготвени и плански документи за подобрување на квалитетот на аероамбиентот во Скопје и во Тетово.

Според шефот на делегацијата на Европската унија, Жбогар, степенот на смртност на годишно ниво е резултат на високата загаденост. Порача дека квалитетот на воздухот треба да биде висок приоритет и е неопходна постојана посветеност на институциите, но и на граѓаните.

Претставник од Министерството за надворешни работи на Финска рече дека проектот поставил рамка на најдобри практики што ќе овозможат да се диши чист воздух.

Зајакнување на меѓусекторската соработка, како и основање национална лабораторија за мерење на загадувачи се дел од препораките од Твининг проектот.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска