Европската погранична стража ќе се справува со мигрантите и во Македонија и во Србија

26.01.2017 14:55

Република Македонија и Република Србија се приоритетните партнери на ЕУ во контролата на миграцијата и спречување на повторување на бегалската криза од лани. Новата Агенција за европска гранична и крајбрежна стража ќе ја замени ФРОНТЕКС.

Македонија и Србија се единствените земји-аспиранти за Европската унија во кои Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ќе ја спречува илегалната миграција. Договорот на статус за приоритетна оперативна соработка беше усвоен во ноември. Се очекува Европскиот совет да одобри отворање преговори со Скопје и Белград за добивање дозвола за операциите против бегалскиот бран.

Подготовките за формирање на новата агенција се забрзани и наскоро екипите ќе бидат целосно оперативни. Поважните чекори се веќе финализирани, вклучувајќи и задолжителна мобилизација на граничари и тимови за интервентно враќање на мигрантите.

За еврокомесарот за миграциски прашања Димитрис Аврамопулос, здружените сили во инвестирањето и обезбедувањето е доказ за посветеноста и одговорноста на Унијата во справувањето со мигрантската криза.

„Правиме чекор напред во зголемување на соработката во размената на информации, ги поврзуваме точките и работата на разузнавачките служби. Постои мал прогрес од пред година и пол, но се уште не сме стигнале до целта. Мора да одговориме на потребите на граѓаните во однос на справувањето со мигрантите, заштитата на европските граници“, вели Дмитрис Аврамопулос, еврокомесар за миграциски прашања.

Во моментов, над 1.550 полицајци се распоредени како поддршка на земјите-членки на надворешните граници и засилување на националните капацитети кои имаат над 100.000 граничари. Ова е најголемото здружување на ресурсите на 28-те држави во европскиот блок.

Во последните две години, преку јужната граница со Грција минале над милион луѓе од завојуваните земји на Блискиот Исток и Африка. Со билатералната поддршка од Унгарија, Австрија и Словачка, Македонија изгради ограда кон Грција и го контролира протокот на илегални мигранти низ Балканската рута.

 

Маја Филдишев