Охрид ќе добие нов театар
До Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се гради нов објект каде што охридските актери ќе можат во нормални услови да ги подготвуваат и изведуваат театарските проекти. Во текот на петте години од формирањето на Охридскиот Народен Театар се одиграни дваесет премиери, а претставите ги проследиле над десет илјади лица.

Охридскиот Народен Театар ќе добие нов објект. Во моментот тече техничкиот дијалог врз основа на проектната програма, по што ќе се изготви главниот проект. Објектот ќе се гради на просторот на некогашната кино-бавча, а во рамките на целиот проект е предвидено и реновирање на зградата на Центарот за култура.
„Нов објект, нова зграда подразбира нова традиција и ново достоинство. Сепак самата зграда, како зграда не го прави театарот, но луѓето мора негде да дојдат, на некое место каде што ќе се чуствуваат сериозно пријатно. Така да мислам дека со создавањето на новата зграда се прави нова традиција“, изјави Горан Стојаноски, директор на Центар за култура „Григор Прличев“.
По формирањето на Охридскиот театар во 2011-тата одиграни се над 20 премиери, а бројот на публиката која присуствувала на претставите во изминатите пет години е над 10 илјади.
„Би имал некаде околу 4 ката, со сите најквалитетни механизми околу сценското, механичкото уредување, со адекватни простории за актери, за административните работници, за техничарите, што значи дека ќе се гради на некое сериозно проевропско, светско ниво“, рече Стојаноски.
Охридскиот театар годинава ќе подготви 4 нови проекти, кои како и секогаш ќе бидат магнет за љубителите на театарот, чиј број во Охрид од година во година е се поголем.
Сашо Нелоски
