Проекти за подобрување на студентскиот стандард

26.01.2017 15:14

Министерството за образование најави реализација на три проекти за подобрување на студентскиот стандард. Наскоро почнува реконстукцијата на блоковите В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“, во кои ќе се инвестираат 180 милиони денари. За три месеци сите студентски домови ќе добијат нов мебел, а кон почетокот на годинава ќе се набават и 50 машини за перење и 50 сушари.

Се менува сликата во студентските домови. Наскоро почнува реконструкцијата и на последните два блока во „Гоце Делчев“, најавија од Министерството за образование. Со 180 милиони денари ќе се заменат вратите, прозорците, подовите, електричната и водоводната инсталација, системот за парно греење. До крајот на годината блокот В и Г ќе бидат целосно обновени.

За три месец,и сите студентски домови ќе добијат и нов мебел. Веќе е избрана компанијата што ќего изработи и постави мебелот, но најпрво ќе бидат опремени домовите во главниот град. Инвестицијата е 100 милиони денари.

Заменикот Ристовски информираше дека целосно се реконструирани блоковите А и Б во студентскиот дом „Гоце Делчев“, а наскоро ќе се градат и нови капацитети.

„Нашите планови за следниот период се големи, донесена е одлука за изградба на три целосно нови студентски домови, два од нив во Скопје, на местото на поранешниот Медицинар и еден во Тетово за потребите на тамошниот државен универзитет. Избрани се компании, кои во најбрзо време ќе почнат со градежните активности по официјализирањето на дозволите за градба. За третиот студентски дом кој ќе биде лоциран во Скопје, се подготвува проектната програма“, изјави заменик министерот за образование е наука, Спиро Ристовски.

Покрај реконструкцијата и набавката на нов мебел, студентските домови ќе добијат 50 машини за перење и сушење кои ќе работат на систем на жетони. Инвестицијата е 11 милиони денари и проектот ќе се реализира во првиот квартал од годинава. 

Во подобрувањето на сместувачките капацитети Министерството за образование досега инвестирало околу 350 милиони денари. Оттаму велат дека со овие средства биле изградени нови и реконструирани дотраени студентски домови и инсталирани нови лифтови. 

 

Викоторија Милевска