Пензионери оштетени од приватните пензиски фондови

26.01.2017 16:01

Народниот правобранител обелодени дека над 300 граѓани ќе загубат пари, поради тоа што не биле информирани дека за нив е финансиски неисплатливо членството во вториот пензиски столб. Веќе се покренати судски спорови. Надлежните разгледуваат законска можност, овие луѓе да се вратат назад во државниот фонд.

Тројца граѓани ќе ги бараат своите права пред судовите, зашто се оштетени по однос на пресметаниот износ за исплата на пензиите. Откако се фрапирале од нискиот износ на пензиите што треба да ги примаат, тие се пожалиле до Народниот правобранител.

Омбудсманот, пак, се обратил до Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување МАПАС, и до ресорното министерство. Институциите обелодениле дека 314 осигуреници кои во 2005-та имале уште 10-15 години до пензионирање и не требале да станат членови на двостолбниот пензиски систем. За нив, ова било финансиски неисплатливо, бидејќи немало време да акумулираат доволно средства. Сепак, овие осигуреници, никој не ги предупредил.

Народниот правобранител побарал ним да им биде дозволено да го раскинат договорот со пензиските друштва и да бидат вратени во ПИОМ. По ова, МАПАС и Министерството за труд и социјална политика најавиле законски измени.

Со нив, ќе им се овозможи бришење од регистерот на членовите кои при потпишување на договор со приватните пензиски друштва, во 2005-та, имале 38 години, биле родени во или пред 1967, имале најмалку 5 години работен стаж или пак во 2003 година имаат прво вработување.

Сите тие треба да добијат можност, да се вратат во ПИОМ, а парите да им бидат префрлени во ПИОМ.

 

Фиљана Кока