Трамп најави поконкретен сојуз со ЕУ

27.01.2017 10:29

Американскиот претседател Доналд Трамп најави поконкретен сојуз со Европската унија, но паралелно претпочита трговски договори со одделни европски држави. Европејците се плашат дека обединета Европа не е приоритет на новата администрација во Белата Куќа.

Европа останува сојузник на Соединетите Американски Држави, но европските држави долго време се богатеа на сметка на Америка, е ставот на новиот американски претседател Доналд Трамп. Трамп не е наклонет кон трговски договори со повеќе држави, па најверојатно трговскиот договор со Европската Унија нема да се случи. Американските берзи и доларот растат по изборот на Трамп за претседател, додека еврото опаѓа.

„Најбрз начин за раст на еврото е масовно укинување на регулативите, на начин како што прави нашиот претседател. Луѓето велат реконструкција и реформи одземаат многу време, но видете што се случи со нашата берза само во последните неколку недели. Видете што се случи со довербата кај нашите потрошувачи и што се случис во Велика Британија по Брегзит. Ослободени од строги регулативи порасна довербата кај потрошувачите и продажбата“, изјави Бојден Греј-поранешен американски амбасадор во ЕУ.

Изборот на Трамп е добар сигнал за европските партии коишто се свртуваат кон националните интереси. Престојните избори во Франција, Холандија и Германија оваа година, ќе покажат дали ќе се засили или ослабне Европската Унија.

„Искрено Европската Унија во последно време е уплашена од ставот на претседателот Трамп. Трансатланската врска со НАТО и со ЕУ и Европа како цела и обединета повеќе не постои и исчезна од радарот на Врховниот Командант на оваа држава“, вели Ана Паласио-поранешен министер за надворешни работи на Шпанија.

САД ќе останат во НАТО, но Трамп очекува сојузниците да си ги исполнат обврските кон Алијансата. По излегувањето на Британија од Европската Унија, Трамп не е сигурен дека ЕУ ќе остане да постои. Членови на неговиот кабинет во контактите со европските политичари се распрашувале која евроспката држава ќе биде следната што ќе ја напушти Унијата. Америка ќе се сврти кон трговски врски со поединечни европски држави.

САД и ЕУ имаат спротиставени мислења за слободна трговија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ