Грчки медиуми: Шлаканица од Малта

27.01.2017 11:52

Над 130 држави во светот ја признале Република Македонија под уставното име. Последното од Малта предизвика вистинска бура кај јужниот сосед. Атина протестира, најверојатно бидејќи станува збор за претседавач со ЕУ. Зошто тоа се случи по 25 години од независноста на земјата, се прашува државната телевизија ЕРТ...

Шлаканица од Малта, Малта провцира, предавство од страна на Малта... Ова се дел од насловите во грчките медиуми по повод воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Македонија и Малта под нашето уставно име.

Грчкиот јавен сервис ЕРТ информира дека министрите за надворешни работи на Македонија и на Малта, постигнале согласност за воспоставување на дипломатски односи преку размена на вербални ноти, нешто што нашата земја го оценила како екстремно значајно.

Министерството за надворешни работи на ПЈРМ најави дека земјата воспоставила дипломатски односи со Малта, развој на настаните што го карактеризираат како екстремно значаен, затоа што Малта и Кипар беа единствените земји од ЕУ со кои што Скопје немаше воспоставено дипломатски односи, 26 години по прогласувањето на независноста, информира ЕРТ.

Весникот Прототема пак и замерува на грчката дипломатија за тоа што одлуката на Малта минала без никаква реакција.

Одлуката беше објавена во период кога заменикот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос се среќаваше со амбасадорот на Малта, Џозеф Кашиери, во контекст на претседателството на Малта со Советот на ЕУ во првата половина од 2017- та години и немаше никаква реакција, дури ни симболична. Впрочем, во изјава издадена од грчкото министерство за надворешни работи, се истакнува дека на средбата биле потврдени одличните билатерални односи и дека биле споделени заеднички ставови за многу прашања во Европската Унија, пишува Прототема.

Грчките медиуми, повикувајќи се оние во Македонија, информираат и дека повеќе од 130 земји во светот ја имаат признаено нашата земја под уставното име, вклучувајќи ги и трите постојани членки на Советот за Безбедност на ОН, САД, Русија и Кина.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ