Течат роковите за добивање концесии за ловиштата

06.02.2014 12:09

Течат роковите за добивање концесии за ловиштата, за кои на први месецов беше објавен јавниот повик...

Течат роковите за добивање концесии за ловиштата, за кои на први месецов беше објавен јавниот повик. Заинтересираните правни субјекти најдоцна до 18 март, во 10 часот, можат да подигнат тендерска документација, по што ќе следи јавно отворање на понудите во присуство на овластените претставници на понудувачите. За прв пат годинава ќе се спроведе електронска јавна аукција, со што се елиминра било какво влијание од човечки фактор и се зголемува транспарентноста.

„Почетниот износ за наддавање ќе биде највисокиот понуден износ на надоместок за концесија на дивечот во ловиштата, утврден по јавното отворање на доставените понуди. Најдобриот понудувач на електронската аукција ќе биде оној правен субјект кој ќе понуди највисок надоместок за концесија, а електронската аукција ќе се изврши и доколку на неа учестува само еден правен субјект, доколку направи еден чекор во наддавањето“, изјави Љупчо Димовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Како Влада би сакале да апелираме, сите стопански субјекти кои имаат интерес да влезат во овој процес и да конкурираат за добивање на концесии за овие ловишта, добро да ги проучат можностите, да ги искористат сите опции што им се ставени на располагање, да аплицираат на јавниот оглас, и на тој начин да остварат нов бизнис или да го прошират постојниот, да остварат економски бенефит, и да отворат нови работни места за граѓаните на Р. Македонија“, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на Р. Македонија.

Под концесија ќе одат 39 ловишта од 11 ловни региони. Во Македонија има 264 ловишта, а досега под концесија се издадени 204 ловишта.

 

Мартин Пушевски