Јанушев: Картичките да не се фрлаат туку да се надополнуваат
Од почетокот на годинава над 140 илјади вакви картички се веќе продадени. Залиха на картички има и секојдневно се дистрибуираат по неколку пати во денот до сите продажни места, велат од ЈСП...

Дезинформации се дека системот на ЈСП не функционира. Неперсонализираните картички за превоз не треба да се фрлаат, туку да се надополнуваат, вели директорот на ЈСП, Игор Јанушев. Од почетокот на годинава над 140 илјади вакви картички се веќе продадени. Залиха на картички има и секојдневно се дистрибуираат по неколку пати во денот до сите продажни места.
Јанушев потсети дека системот за автоматска локација на возилата и за електронска наплата во ЈСП Скопје и во во автобусите на приватните превозници почна да се спроведува во август 2015 година. Од почетокот на 2016 година се пуштија првпат во употреба неперсонализираните картички.
Во 2016 се продадоа нешто повеќе од 33.020 неперсонализирани картички. Врз основа на оваа продажба, се направија претпоставките и анализите колку картички треба да имаме подготвено за во 2017, каде ги вклучивме и приватните превозници. За таа цел беа подготвени повеќе од 150.000 картички. Од нив 30 илјади се продадоа само во првите три дена од јануари, а до крајот на првата недела од овој месец се продадоа 80 илјади картички. Заклучно со вчерашниот ден, имаме продадено околу 140.000 картички, рече Јанушев.
