Повторно одложено судењето на Богоевски
Вторпат се одложува судењето на поранешниот директор на ДБК, Слободан Богоевски, на кого му се суди во Основниот суд Скопје 2, по поднесена тужба за клевета од лидерот на ДУИ, Али Ахмети и неговиот соработник Муса Џафери за случајот „Маѓар телеком“. До следното рочиште застапниците на тужителителите ќе треба да обезбедат докази дали Богоевски ги „наклеветил“ Ахмети и Џафери на територијата на Македонија или во странство.

Одбраната на Богоевски смета дека судот не е надлежен да постапува по овој предмет, бидејќи како што тврдат, сведочењето на Богоевски е дадено во Американската амбасада во Македонија, а тоа не се смета за македонска територија. Според екс разузнавачот Богоевски и неговиот бранител Зафиров постапката која Ахмети и Џафери ја водат е со цел собирање политички поени и правдање пред нивниот електорат.
Адвокатите на Ахмети и Џафери, пак велат дека Богоевски ја дал изјавата во адвокатска канцеларија во Скопје, па судот им наложи да обезбедат сведоци, адвокат и нотар, пред кои е дадено сведочењето и да го преведат транскриптот на македонски јазик со овластен судски толкувач. Но, судот не се произнесе по барањето на одбраната на Богоевски за утврдување на надлежност на македонскиот суд.
Адвокатите на Ахмети и Џафери, сметаат дека изјавата на Богоевски пред Окружниот суд во Њујорк, за аферата „Маѓар телеком“ преставува клевета. Зашто, според неа Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери земале поткуп за да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија.
Богоевски најави дека на 7-ми мај ќе патува во САД каде што треба да биде изречена пресудата за случајот „Маѓар телеком“ кој го поведоа американските власти. Судот одлучи следното рочиште да го закаже за 25-ти мај.
Фиљана Кока
