ЈСП: Се надминуваат недоразбирањата со картичките
Персонализирани картички од 150 денари ќе се продаваат од идниот месец. Корисниците кои имаат неперсонализирани, да не ги фрлаат туку да ги надополнуваат - ЈСП ги надминува недоразбирањата.

Од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) апелираат неперсонализираните картички да не се фрлаат туку да се чуваат и да се надополнуваат. Најавуваат дека наскоро ќе се воведе електронски систем на надополнување на картичките, услуга која граѓаните ќе можат да ја искористат од нивните домови. Граѓните велат дека откога функционираат електронските картички, гужвите се помали.
„Се што е ново е убаво, само луѓето треба да го прифатат... Не е толку лошо, добро е... Проток на патници има и побрзо се движат, нема толку гужва“, велат граѓаните.
Од почетоков на годинава продадени се околу 180 илјади картички. Директорот на ЈСП, Јанушев информира дека и плаќањето со мобилен е во пораст. Наскоро во системот ќе бидат вклучени сите оператори. Значителна е и бројката на неуспешни трансакции затоа што корисникот пробал да плати преку мобилен, а претходно не ја активирал услугата.
„Бидејќи увидовме дека ова е проблем, веќе постигнавме договор со фирмата која го одржува системот да се тргне активацијата на услугата и корисникот да може да плати само со повикување на телефонскиот број 185“, рече Јанушев.
Граѓаните до крајот на овој месец неперсонализираната картичка ќе можат да ја набават со пет гратис возења, кои ќе може да се искористат кога било. Билетот за десет возења и понатаму ќе може да се искористи во рок од две недели.
Ана Јосифоска- Тодоровска
