Нема договор за формирање нова Влада
По повеќедневни внатрепартиски разговори, раководството на „интегративците“ не успеа да изгради заеднички став. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека по одлуката на ДУИ „зрело решение“ би биле нови избори.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не успеаја да се договорат за формирање парламентарно мнозинство и нова Влада. По повеќедневни внатрепартиски разговори, раководството на „интегративците“ не успеа да изгради заеднички став за ова прашање. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека по одлуката на ДУИ „зрело решение“ би биле нови избори.
ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата „За подобра Македонија“ како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Секое друго решение, како што се посочува во дописот, само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на чии било програмски цели. Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата останува на принципиелни позиции по однос на стратегиските прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17 декември минатата година. ДУИ не донесе одлука во однос на која било од петте опции, коалиција со ВМРО ДПМНЕ, со СДСМ или широка коалиција, да се оди во опозиција или на нови избори, изјави портпаролот на партијата Бујар Османи, по седницата на Централното претседателство. Тој додаде дека на партијата ѝ е битен договорот, како што рече што го потпишале со Албанците.
„Од последните состаноци на претседателството на партијата тоа што едногласно заклучивме и решивме е дека таа дебата не може денеска да биде исцрпена и дека немаме доволно аргументи да се определиме за која било од петте опции кои што беа ставени како предмет на дебата. Останува во наредните денови да продолжиме во однос на оваа аргументација за да можеме да ја исцрпиме дебатата да може одлуката да биде што покорисна за граѓаните за Република Македонија. Сите опции остануваат отворени“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
Рокот за составување нова Влада истече синоќа на полноќ откако на 9-ти месецов претседателот Иванов му го довери мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, односно на партијата која на предвремените парламентарни избори освои најмногу гласови.
Милчо Велески
