Одложено судењето за случајот „Еразмус“

30.01.2017 12:55

Одложено првото судско рочиште за случајот „Еразмус“. Приведени беа неколку професори и вработени во Економскиот факултет во Скопје. Обвинети се за примање поткуп и за злоупотреба на службената положба. Новото рочиште не е закажано. Одбраната побара изземање на Судечкиот совет.

Изземање на Судечкиот совет кој постапува во предметот наречен „Еразмус“, побара адвокатот на еден од обвинетите. Се сомничат во нивната објективност, зашто истите одлучувале по жалба на обвинетите и ја одбиле. Одбраната тврди дека обвинителството немале докази.

„Поднесов барање за изземање против судијката Љубинка Бошевска, која е претседател на судечкиот совет, и судијата Ивица Стефановски кој е член на судечкиот совет, а двајцата се професионални судии поради тоа што тие веќе учествувале во постапка по жалба, за која го изградиле својот став“, изјави адвокатот Јован Јоанидис.

„За моите двајца клиенти обвинителот апсолутно нема никакви докази, а за едниот, кој е професор тврди дека спротивно на закон злоупотребувајќи ја својата положба тврди дека дал 6-ка, каде што требало да биде 5-ка. Обвинителот не е економист, не може да процени дали определен студент има знаење или не“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

Јавната обвинителка, пак, тврди дека за случајот имала цврсти докази. Дел биле вербални сведочења, дел се однесувале на посебноите истражни мерки и бележани банкноти. Вели дека во целост останува на обвинителниот акт.

„Јас навистина би сакала да може јавноста да го види овој предмет со целата негова доказна сила, поради тоа што ова е еден од ретките предмети за кој постои таква комплетна доказна вредност која едноставно не може да се побие. Работата на јавниот обвинител во овој предмет не е многу тешка, се надевам дека таква ќе биде и на судот“, нагласи Лидија Раичевиќ, јавен обвинител.

Судењето се одложи на неопределно време, додека в.д. претседателот на судот, Татјана Михајловска, не одлучи по барањето за изземање.

Во случајот „Еразмус“ се обвинети шест лица, професори и демонстратори од Економскиот факултет во Скопје, и вработен во бифето. Обвинетите се товарат за примање поткуп и злоупотребување на службената положба.

 

Наташа Гркова- Петрушевска