Екстерното тестирање на матурантите се спроведува без проблеми

30.01.2017 15:18

Од денеска до 3-ти февруари се спроведува екстерното тестирање за матурантите. Тие ги добија предметите по кои ќе бидат оценувани. Распоредите се објавени на огласните табли во сите училишта. Се однесува на 18.600 матуранти, се проверува постигнатиот успех на учениците, со што дополнително се утврдува и објективноста во оценувањето на професорите.

Почна екстерното тестирање за 18.600 матуранти. Тестирањето ќе трае до крајот на оваа недела, а прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 7-ми февруари.

Учениците кои ги анкетиравме велат дека немале проблем, прашањата ги добиле навреме.

И од Државниот испитен центар велат дека досега не се пријавени проблеми, екстерното тестирање се спроведува веќе 5 години и целиот процес тече непречено.

Директорот на гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ вели дека во нивното училиште сите подготовки за успешна реализација на екстерното се навремено направени.

Една недела пред екстерното тестирање учениците добија информација за деновите на полагање, а три дена пред тестирањето беа објавени и предметите по кои ќе бидат проверувани.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска