Родовиот јаз во платите штетен за економскиот раст

30.01.2017 15:27

За исто работно време и за иста позиција, иста плата. Но, жените во Македонија сепак земаат за 12 насто помал личен доход од мажите. Постои родов јаз, што му штети на економскиот развој. Се предлагаат решенија.

За исто работно време и на исто работно место жените во просек заработуваат за 12 насто помала плата од мажите. Наместо осум часа, за да не постои јазот тие треба да си заминат од работа речиси саат време порано- говорат анализите на Институтот за економски истражувања.

„Во Македонија, жените просечно земаат 12,5 % пониска плата од мажите, а разликата се зголемува и до 28,4 % кај лицата без образование или кај оние што се само со основно образование. Најголем дел од родовиот јаз кај платите е поради големата неактивност на жените на пазарот на трудот. Кога ќе се земат предвид карактеристиките како образование, стаж, возраст и во кое занимање се профилираат, овој јаз се зголемува на 17,3 %. Кај населението пак што има само основно образование овој јаз достигнува до 28 %. Тоа значи дека жените за работа со иста вредност заработуваат помалку од мажите“, изјави Благица Петрески, Институт за економски истражувања „Финанс Тинк“.

Големата неактивност на жените на пазарот на труд е главна причина за родовиот јаз во платите, се наведува во истражувањата. Ако се дискриминирани, припадничкитте на понежниот пол може да бидат и помалку мотивирани и обесхрабрени да придонесуваат на работното место – велат познавачите. Сугерираат мерките да бидат насочени кон поттикнување на активноста, надминување на стереотипите за машка и женска професија, да се зголеми учеството во стручното образование м да се конторлира родовата еднаквост во приватниот сектор. Според истражувањата на пазарот, како фер плакачи се покажало дека се компаниите за кои се мисли дека најмногу работни позиции имаат за мажи.

„Имаме и мажи и жени архитекти и проектанти, а повеќе од проектантите се жени, но во делот на тешката физичка активност мора да имаме машка популација“, вели Драгана Чифлиганец, менаџер на градежна компанија.

Намалувањето на родовиот јаз во платите за 10 проценти, во просек може да придонесе за раст на бруто домашниот производ за околу 1 процент на годишно ниво- се вели во анализата на Меѓународната организација за економска соработка и развој. Се препорачува, зголемување на минималната плата, калкулатор за фер плаќања, сет од фамилијардни политики и активности за вклучување на жените.

 

Сузана Фиданска- Стоевска