ЕУ: Конструктивна улога на сите фактори

30.01.2017 15:33

Бараме одговорност од сите субјекти во земјата. Ова на денешната прес конференција во Брисел го изјави гласноговорничката на Европската комисија Маја Коцијанчич. Ова е неопходно за да се врати земјата на евроатлантскиот пат.

Европската Унија очекува претседателот Иванов да ги повика на итна консултација сите политички партии и да определи кој ќе формира широка и стабилна Влада- ова е пораката која денеска во име на ЕК ја испрати портпаролката Маја Коцијанчич. Ги повикуваме сите политички партии во земјата вклучувајќи го и претседателот, да делуваат на смирен и конструктивен начин и со целосна одговорност да ја решат моменталната состојба- истакна Коцијанчич.

„Како што знаете, државата нема време за губење, и во тој поглед очекуваме претседателот согласно Уставот, да повика на итни отворени консултации со политичките сили во земјата, и брзо да изнајде политички лидер во земјата за формирање на Влада, кој може да најде заедничка подлога за формирање на стабилна и солидна коалиција. И како што рековме претходно, таква коалиција треба да биде што е можно поширока и да се потпира на силен, сеопфатен реформски консензус и меѓуетничка соработка“- нагаласи Коцијанчич.

Портаполката изрази очекување сите политички сили во земјата да го спроведат договорот од Пржино и итните реформски приоритети, кои се витални за прогресот на држвата на патот кон Европската интеграција.

Широка Влада не е новина во Брисел. Минатата недела еврокомесарот за проширување и соседска политика порача дека е неопходно влада со широк консензус.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ