Заев очекува Иванов да му додели мандат за формирање Влада

30.01.2017 16:03

Лидерот на СДСМ, Зорав Заев очекува претседателот Ѓорге Иванов нему да му го довери мандатот за формирање Влада. Вели дека е подготвен да обезбеди парламентарно мнозинство потребно за составување нов кабинет кој ќе ги спроведе реформите од Пржино.

Очекувам Ѓорге Иванов да ми го додели мандатот за формирање нова влада. Сите поинакви опции ќе значат кршење на Уставот и злоупотреба на функцијата- изјави лидерот на Социјал-демократите Зоран Заев, кој смета дека ќе успее да обезбеди мнозинство во Парламентот и да формира Влада.

„Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ со најмногу мандати не успеа да формира Влада и логично е мандатот да биде даден на втората по мандати партија во парламентот а тоа е коалицијата предводена од СДСМ. Согласно тоа, мандатите и мнозинството, како и платформата за влада се обезбедуваат по пат на преговори и разговори. Ние досега немавме можност тоа да го обезбедиме. Јас сум убеден дека ќе го формираме парламентарното мнозинство и дека ќе ја формираме идната влада“, изјави Заев.

Коментирајќи ја платформата на албанските партии, Заев вели дека СДСМ се залага за едно општество, а граѓанинот е во центарот на вниманието.

„Имаме суштински и суштествен став и по платформата на албанските партии, потпишана зад којашто стојат сите, верувам дека и ДПА стои позади ваквата платформа но истовремено и за предусловите на ДУИ. Јас се надевам дека ќе го добиеме мандатот за да веднаш ги соопштиме тие наши ставови, но впрочем тоа и може да го насетите“, потенцира Заев.

Лидерот на СДСМ вели дека е подготвен за формирање влада којашто ќе ги спроведе реформите предвидени во договорот од Пржино и итните реформски приоритети констатирани во извештаите на Прибе и на Европската комисија.

 

Миле Ристески