Домашната металургија бара решавање на системските проблеми
Редуцирано е производството во металската индустрија. Пад, од речиси една третина, бележи и извозот, алармираат од Стопанската комора. Домашната металургија не бара од државата субвенции, туку решавање на системските проблеми- увозот на старо железо, имотно- правните односи, добивањето еколошки дозволи.

Домашната металургија не бара од државата посебен третман, ниту пак, субвенции, туку решавање на системските проблеми кои ќе овозможат нормално и континуирано работење на компаниите од овој сектор и подобрување на нивината конкурентност. Производството на метали за 11 месеци лани е намалено за 11 %, а извозот за речиси третина.
„Не бараме непринципиелна поддршка, некој да ни ги реши проблемите внатре, туку јасна визија за тоа каде ќе се движи секторот. Да се изготви студија по примерот на долгорочните стратегии за енергетскиот сектор, да се решат проблемите со сопственоста на земјиштето кое се води како општествено и да се реши водоснабдувањето“, изјави Митко Кочовски, претседател на Здружението за металургија при Стопанската комора.
Се бара надминување на проблемите околу увозот на старо железо што го запира производството на челик, имотно правните односи околу земјиштето што го отежнува добивањето банкарски кредити, како и повеќе разбирање околу исполнување на еколошките критериуми во услови на ниски берзански цени на металите,што е најизразено кај „Југохром“. Забраната за работа истекува утре и менаџментот очекува решение на инспекторатот за нови 90 дена мирување на комбинатот,што ќе предизвика отпуштање на дел од вработените идниот месец, вели директорот Скендеровски.
„Мислам дека тука ќе биде крајот и на таа приказна, затоа што нашите фиксни трошоци заради платата иако се намалени за 30% бидеејќи голем дел од нив се на принуден одмор, изнесуваат некаде околу 250-300 илјади евра месечно , кои ако „Југохром “ работеше ќе изнесуваа скоро милион евра и ќе се искористеа за инвестиции“, вели Васко Скендеровски, директор на „Југохром“- Јегуновце.
Скендеровски очекува разбирање и пролонгирање на рокот за изградба на погонот за отпрашување за 18 месеци што се совпаѓа со крајниот законски рок за негова реализација април 2019, затоа што Југохром потрошил 20 месеци да добие градежна дозвола што практично ја стопирало инвестицијата вредна 12 милиони евра.
Свето Николовски
