Американските погранични власти ја спроведуваат одлуката на Трамп

30.01.2017 16:40

Државјани од Иран, Ирак, Сирија, Либија, Јемен, Сомалија и Судан не можат повеќе да влегуваат во Соединетите Американски Држави, иако имаат важечки визи. Оваа наредба на американскиот претседател Доналд Трамп целосно се почитува од граничните власти, но предизвика протести во градовите засолништа на илегалци.

Американските погранични власти ја спроведуваат наредбата за привремена забрана на влез на државјани од Иран, Ирак, Сирија, Либија, Јемен, Сомалија и Судан, што вклучува и студенти во важечки визи. Воведена е построга проверка на американските државјани коишто престојувале во овие држави. Од наредбата се изземени луѓето коишто имаат зелени карти. „Потребни ни се силни граници и екстремна проверка веднаш. Гледајте што се случува низ цела Европа и во светот, страшен хаос“, порача американскиот претседател на Твитер.

„Наредив изградба на граничен ѕид и справување со градовите засолништа за илегалци. Тие не се безбедни и мораме да ја запреме оваа грозна ситуација“, изјави претседателот Трамп.

Во градовите засолништа како Њујорк, Чикаго, Сан Франциско се одржаа протести против привремената забрана за влез на државјани од седум мислимански држави. Протестите ги поддржуваат и предводат политичари демократи, како сенаторката Елизабет Ворен.Судија од Њујорк ја укина забраната за влез на државјани од Ирак, но американските погранични власти соопштија дека ќе ја почитуваат наредбата на претседателот.

Во 2011-та година, американскиот претседател Барак Обама воведе 6-месечна забрана за влез на државјани на Ирак.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ