Аналитичари: Простор за дополнителни консултации за да се формира стабилна Влада

30.01.2017 17:00

Од широка коалиција до брзи избори се движат размислувањата на аналитичари за актуелната политичка состојба. Порачуваат да се остави простор за детални консултации за да се најде најдобор решение за излез од кризата.

Треба да се остави простор за дополнителни консултации во политичките партии за да се формира стабилна Влада- став на аналитичари откако не се постигна договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за ново парламентарно мнозининство.

Според Александар Даштевски, треба да се почитиува принципот на коалицирање на победник со победник. Сѐ друго, вели, ќе значи продлабочување на кризата и ќе води до брзи предвремени избори.

„Сметам дека ДУИ треба да реши, бидејќи навистина имаа долг период за консултации, да направи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, да се направи една Влада, макар и за распишување на нови парламетарни избори, бидејќи во спротивно ќе се создаде уште поголема криза“, вели Даштевски.

За Петар Арсовски, најдобра опција во моментов е да се исцрпат сите можности за да се формира политичка влада или пак широка коалициона влада која ќе се посвети на реформските приоритети за да може земјава да се извлече од кризата.

„Сега остануваат помалку опции, евентуално Влада со некаков друг мандатар, Влада со СДСМ или некаква широка коалиција, или пак нови избори. Мислам дека ДУИ полека се соочува со пораката од нивното гласачко тело и дека натаму ќе ги насочат своите одлуки. Не исклучувам некаква можност за дополнителни приговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, смета Арсовски.

Арсовски заклучува дека не е добра варијанта да се оди на брзи предвремени избори, додека за Даштевски широката коалиција не може да биде опција која ќе доведе до релаксација на политичките односи во земјава.

 

Игор Панов