Трамп се фокусира на економијата и безбедноста на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп се фокусира на економијата и безбедноста на Соединетите Американски Држави. Трамп потпиша наредба за намалување на регулативите за малите бизниси и разговарал со 8 државници за безбедносната ситуација во светот.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја потпиша првата наредба за намалување на регулативите за малите бизниси. Со ова им се наредува на државните агенции за секоја нова усвоена регулатива, да укинат две. Трамп имаше средба во Белата куќа со претставници на малите бизниси во Америка, на која најави дека ќе има дополнителни намалувања на регулативите за малите и големите бизниси, со цел да се намалат 75 проценти од постоечките регулативи за бизнис во земјата.
„Масовно ги укинуваме регулативите за малите бизниси, и за големите, но тоа е друго. За тоа се работи денеска. Ова е најголемиот ваков акт што некогаш се случил во нашата земја. Ќе има регулативи, ќе има контрола, но таа ќе биде нормализирана контрола, под која ќе можете да започнете и проширите бизнис многу лесно“, изјави претседателот Доналд Трамп.
Американскиот претседател разговарал со лидерите на Русија, Германија, Франција, Република Кореја, Јапонија, Австралија и од Блискиот Исток околу ситуацијата со бегалците, имигрантите и борбата против тероризмот во светот.
Дел од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за уништување на Исламската држава е воведување на безбедносна зона за бегалци во Сирија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
