Обама ги поддржа протестите против указот на Трамп

31.01.2017 12:45

Поранешниот претседател Обама го прекрши молкот и ги подржа протестите против анти-имигрантскиот указ на новоназначениот претседател Доналд Трамп. Белата куќа пак им порача на дипломатите што се противат на указот, да ја прифатат програмата или да ги напуштат функциите.

Поранешниот американски претседател Барак Обама го прекрши молкот откако ја напушти Белата куќа и ги поддржа протестите против анти-имиграцискиот указ на Доналд Трамп, истакнувајќи дека е трогнат од степенот на ангажираност на луѓето низ целата земја. Од Канцеларијата на Обама беа лиферувани делови од неговиот говор од ноември 2015 година, кога ја нарече „срамна“ идејата за забрана на влез на муслиманите во земјата.

Државниот обвинител на американската држава Вашингтон, Боб Фергусон најави дека ќе го тужи новиот американски претседател, Трамп поради указот за контрола на миграцијата. Тој е првиот државен обвинител кој најави законска постапка против администрацијата на Трамп и еден од 16-те државни обвинители, кои ја оценија одлуката како „неамериканска и незаконска“.

„Ќе се бориме со Доналд Трамп на суд. Ќе се бориме против него во Конгресот. Ќе се здружиме и ќе се бориме против него бидејќи се обидува да се стави над законот во САД“, изјави Елизабет Ворен, сенатор од Масачусетс.

„Нашата задача е да ги зближиме луѓето, а не да ги делиме. Ние не ги мразиме муслиманите и сакаме тие да го знаат тоа“, изјави Берни Сандерс, сенатор во Вермонт.

Во меѓувреме, Белата куќа им одговори на американските дипломати кои го потпишаа протестното писмо за указот, порачувајќи им да ја прифатат програмата или да си заминат од функциите. Портпаролот на Белата куќа додаде и дека документот што го потпишале е „полн со претерување“. Белата куќа жестоко негира и дека указот е насочен конкретно против муслиманите. 

Трамп ја разреши од должноста министерката за правда и генерален обвинител на САД, Сали Јејтс, само неколку часа откако и се спротивстави на Белата куќа изјавувајќи дека нејзиното министерство нема да ги почитува ограничувањата за граѓаните од муслимански земји да влегуваат на територијата на САД, затоа што ги смета за незаконски. Покрај Јејтс, Трамп го смени и шефот на службата за царинска и гранична контрола Даниел Регсдејл и на негово место го назначи Томас Хоуман, но не е позната причината за овој потег.

Вицепремиерот на Турција, Куртулмуш истакна дека овој указ на американскиот претседател е неприфатлив и дека предизвикал поделби меѓу луѓето, изразувајќи надеж дека таа ќе биде преразгледан. 

 

Марина Автовска