Вработените во „Југохром“ бараат рестартирање на фабриката
Со двочасовна блокада на патарината кај Желино, на автопатот Тетово- Скопје, работниците на „Југохром“ го искажаа незадоволство од вчерашната одлука на Државниот инспекторат за животна средина, за уште 90 дена да се продолжи забраната за работа на комбинатот. Бараат да се укине одлуката и да се рестартира фабриката. Во спротивно најавија радикализирање на протестите.

Продолжи забраната за работа на „Југохром“ за 90 дена. Вработените се револтирани, го блокираа регионалниот пат Скопје- Тетово, кај наплатната рампа во Желино.
Фабриката за нас значи живот и егзистенција, велат вработените, бараат да се смени одлуката на институциите за запирање на нивната работа.
Југохромци ја чекаат одлуката на владата, како што рече претседателот на синдикатот Амити, се надеваат на решение во полза на вработените.
Од Синдикатот за индустрија, енергетика и за рударство велат дека одлуката има политичка заднина, затоа што и покрај тоа што комбинатот не работи, воздухот во Тетово повторно е загаден. Апелираат да се дозволи печките да бидат вклучени за да не останат на улица.
Забраната за работа е донесена поради тоа што комбинатот сè уште го нема изградено системот за отпрашување- велат надлежните.
Се огласи и невладината „ЕКО Герила“ од Тетово. Според нив, откако „Југохром“ не работи, воздухот е значително почист.
Ана Јосифоска- Тодоровска
