Претседателот Иванов ги почна консултациите со надлежните институции

31.01.2017 14:38

Претседателот Иванов ги почна консултациите со надлежните институции откако мандатарот Груевски не формира влада. Оствари средба со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски. Шефот на државата истакнал дека ќе постапува согласно со уставот и во интерес на државата и граѓаните.

Консултации на претседателот, Ѓорге Иванов со првиот човек на Уставниот суд, Никола Ивановски за уставните одредби чија содржина е поврзана со доделувањето мандат за составување нова влада. Шефот на државата рекол дека ќе постапува во согласност со уставните одредби и исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.

Во меѓувреме, продолжуваат повиците за одредување на понатамошниот тек на политичката состојба. Либерално- демократската партија, која е дел од коалицијата на СДСМ, со став дека тој што сега треба да формира влада е првиот човек на Социјал-демократите Зоран Заев.

Се огласи и БЕСА. ДУИ нема капацитет да донесе каква било одлука, поради тоа што е во морална и политичка криза. Принципот „победникот формира влада со победникот“ им беше само алиби за споделување на власта на ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ не го почитуваше заедничкото залагање на Албанците со тоа што ги отпочна преговорите со оваа партија- се вели во партиското соопштение.

Социјалистичката партија пак иницира изработка на сеопфатна платформа за одбрана на виталните интереси и ги повика сите партии да се вклучат во изготвувањето.

Нова порака и од претставник на меѓународната заедница- британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет изјави дека партиите треба да работат на составување влада и да се спроведат реформите.

Вчера, кај претседателот Иванов на разговор за актуелната политичка состојба беше и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Во неделата на полноќ истече рокот што го имаше мандатарот, Никола Груевски да обезбеди парламенарно мнозинство и да состави влада. Не се постигна договор со ДУИ. Заев побара можноста да му се довери нему.

 

Миле Ристески