Музејот на современа уметност ја презентира програмата за 2017-та

31.01.2017 15:25

Домашни и меѓународни изложби, реорганизација на депото на Музејот на современа уметност, работилници, форуми- дел од проектите планирани за годинава...

Домашни и меѓународни изложби, реорганизација на депото на Музејот на современа уметност, работнилници, форуми- се дел од проектите предвидени во програмата на Музејот за оваа година. Директорот на оваа национална установа најавува инвестирање во четвртата сала во која ќе бидат изложени најзначајните дела.

„Трите сали комплетно ги имаме на располагање. Во четвртата сала во април планираме дополнително да инвестираме, практично таму ќе се случува кулминацијата на доживување на просторот каде што ќе може да се доживеат сите изложби низ трите сали низ кои минуваат посетителите, а оваа да биде заокружување со најзначајните дела кои што ги имаме од колекцијата“, изјави Лазе Трипков, директор на Музејот на современа уметност.

12-то Меѓународно биенале на млади уметници за првпат годинава ќе биде со конкретна тема и со надворешен селектор. Се преговара за реализирање на изложба на 12 македонски современи уметници во галеријата „МАНА“ во Њујорк.

„Оваа институција е основана во 2003-та година и ги обезбедува сите услуги и програми што ја прават целосно интегрирана организација за уметноста во светот посветена на уметничкиот процес. Дел од уметниците кои ќе бидат претставени се Жанета Вангели, Игор Јосифов, Антони Мазневски, Благоја Маневски, Јован Шумковски итн“, изјави Благоја Варошанец- кустос во Музејот на современа уметност.

Во завршна фаза е и реорганизацијата на депото, велат надлежните, ќе се набави нова опрема, систем за вентилација и филтри против УВ зрачење. 

 

Андријана Атанасовска