Иванов се консултира за следните чекори

31.01.2017 16:15

Претседателот Иванов почна консултации за идните чекори. Се сретна со првиот човек на Уставниот суд, Никола Ивановски. Шефот на државава рече дека ќе постапи согласно со Уставот на Македонија, во интерес на земјава и на граѓаните. Од утре почнува разговори и со партиите...

Консултации на претседателот, Ѓорге Иванов со првиот човек на Уставниот суд, Никола Ивановски за уставните одредби чија содржина е поврзана со доделувањето мандат за составување нова влада. Шефот на државата рекол дека ќе постапува во согласност со уставните одредби и исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Во меѓувреме, нови реакции од партиите за политичката состојба.

Од ВМРО- ДПМНЕ бараат појаснување од Американската амбасада- дали нивната позиција партиите да ги продолжат разговорите за формирање на нова влада, значи дека САД сугерираат од Република Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД, партиите со постоечкиот распоред на силите од последните избори да состават нова влада?

ВМРО-ДПМНЕ бара од портпаролката на Европската комисија Коцјанчич да објасни врз која уставна основа, претседателот Иванов може да определи лидер за формирање на што е можно поширока влада. Одговорот да биде јавен, бара ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, во соопштението по средбата на Заев со тројца амбасадори, германскиот, шведскиот и полскиот, велат дека било констатирано дека интерес на граѓаните и на Република Македонија е да се добие стабилна влада којашто ќе се насочи кон потребните реформи и кон евро-атлантските процеси и уште еднаш го повикаа претседателот Иванов да им го додели мандатот за формирање нова влада.

Тоа денеска го побара и Либерално-демократската партија, која е дел од коалицијата на СДСМ.

Се огласи и БЕСА. ДУИ нема капацитет да донесе каква било одлука, поради тоа што е во морална и политичка криза. Принципот „победникот формира влада со победникот“ им беше само алиби за споделување на власта на ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ не го почитуваше заедничкото залагање на албанците со тоа што ги отпочна преговорите со оваа партија- се вели во партиското соопштение.

Социјалистичката партија иницира изработка на сеопфатна платформа за одбрана на виталните интереси и ги повика сите партии да се вклучат во изготвувањето.

Британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет изјави дека партиите треба да работат на составување влада и да се спроведат реформите.

Вчера, кај претседателот Иванов на разговор за актуелната политичка состојба беше и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Во неделата на полноќ истече рокот што го имаше мандатарот, Никола Груевски да обезбеди парламенарно мнозинство и да состави влада. Не се постигна договор со ДУИ. Заев побара можноста да му се довери нему.

 

Миле Ристески