Поради птичјиот грип, се уништува живината во струшко Мороишта

31.01.2017 16:20

Се уништува живината во струшкото село Мороишта поради појавата на птичјиот грип. Селото е изолирано. Направен е пописот. Надлежните велат дека сопствениците ќе бидат обесштетени. Министерството за земјоделство воведе привремена забрана за ловење диви птици на целата територија на земјава.

Се уништува живината во струшко Мороишта, откако лабораториските анализи го потврдија присуството на птичји грип. По пописот на целата живина, во 105 домаќинства бил утврден овој вирус. Околу 3 илјади единки се заразени. Сопствениците ќе бидат обесштетени- велат надлежните.

Селото е изолирано, полицијата проверуваше дали некој изнесува живина. Од Агенцијата за храна и ветеринарство уверуваат дека уништувањето е единствен начин за справување со птичјиот грип. На терен работат 20 екипи, се врши целосна дезинфенција, се надгледуваат и околните места.

Оливер Иваноски, раководител на Државната инспекција за здравствена заштита на животните информира дека има заштитна зона и зона под надзор од каде што земаат мостри. Таму каде што ќе утврдат присуство на вирусот, ќе се преземат неопходните мерки.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе привремена забрана за лов на диви птици поради опасност од ширење на птичјиот грип. Забраната е од денеска, се однесува на цела територија на земјава и ќе трае до нејзино отповикување.

Наташа Гркова- Петрушевска