Јолевски: САД остануваат посветени на Европа, регионот и Република Македонија

01.02.2017 10:35

Колку е значајна новата Американска администрација за Република Македонија? Министерот за одбрана Зоран Јолевски е во Вашингтон каде што в петок треба да учествува на молитвениот појадок приреден од претседателот Трамп. Според досегашните средби, Белата Куќа останува посветенa на Европа, на регионот и на нашата земја. Ова му било предочено на Јолевски на средбите со американски политичари. Министерот учествуваше на конференција за безбедност во американскиот Сенат

Светот се соочува со големи предизвици и насилства, па потребна е колективна одбрана на демократските држави против злото на тероризмот и организираниот криминал. Соединетите Американски Држави и европските земји се договориле за нови мерки за поефикасна борба против тероризмот и компјутерските напади на конференција во американскиот Сенат на која учествуваа сенатори, конгресмени, премиери и министри од држави во Европа, меѓу кои и македонскиот министер за одбрана.

„Разгоравме за неопходноста на соработка во борбата против тероризмот и компјутерската безбедност во светот, вклучувајќи ја и Европа. Заклучок беше дека соработката треба да се интензивира и да се разменуваат информации, бидејќи заканите се закани за сите држави во светот. Она исто така што е мошне значајно е дека покрај сенаторите, тука беа и претставници на тимот за транзиција на претседателот Трамп, и добивме силна порака дека тимот на Трамп останува посветен на НАТО и НАТО ќе биде значајна алатка во борбата против тероризмот и компјутерските закани“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Министерот Јолевски на средбите со американските политичари и членови на новата администрација на претседателот Доналд Трамп добил поддршка за продолжување на добрите односи со Македонија.

„Ова е дел од перманентните консултации што ги имаме со американската администрација. Значајно е што разговарав со лица коишто се во транзициониот тим на претседателот Трамп и тие не уверија дека Америка останува посветена на Европа, на регионот и на Република Македонија“, нагласува Јолевски.

Македонија е член на Коалицијата против насилниот екстремизам од самото формирање и меѓу првите држави усвои закон со кој се санкционираат странските борцикоишто се борат на страната на терористички организации како Исламската држава.

Борбата против тероризмот е еден од приоритетите во првите 100 денови од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ