ЕП: До кога Македонија ќе чека на ЕУ?
Европскиот парламент доцна ноќеска на пленарната сесија во Стразбур...

Европскиот парламент доцна ноќеска на пленарната сесија во Стразбур, го разгледа извештајот за напредокот на Македонија, покрај извештајот за Македонија, европратениците истовремено дебатираа и за извештаите за напредокот на Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во момeнтов Европскиот парламент гласа за резолуцијата предложена од Ричард Ховит за напредокот на Македонија. Во синоќешната дебата, тој изрази задоволство од содржината на неговиот извештај со кој уште еднаш се бара од Советот на Европската Унија, да утврди без одлагање датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. При тоа Ховит посебно инсистираше дека негова грижа е да земјата напредува.
Затоа тој предлага Европската Комисија да и додели на Македонија статус на „функционална пазарна економија“, со што ќе бидат гарантирани странските инвестиции.
Во дебатата дојдоа до израз старите разлики, кои се присутни во Европскиот парламент во последниве десетина години, односно од една страна европратениците кои изразуваат недоразбирање за грчката непопустливост и блокадата на евроинтеграцијата на земјата поради спорот со името. А од друга, грчките европратеници, поддржани од дел од бугарските, кои тврдеа дека блокадата не е поради спорото со името, туку поради серија други проблеми кои не се решени внатре во земјата, но и во односите со соседите.
Во вчерашната дебата изненади многу остриот радикален тон на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, од редовите на Народните партии, кој не се разликуваше многу од тој на Стојанов. Ковачев ја обвини Македонија за фалсификување на историјата, дека таа е измислена нација од коминтераната и Тито, што е далеку од говорот на добрососедство, што истовремено се бара од Македонија.
Како одговор на овие забелешки од страна на грчките и бугарските европратеници, може да се стават дикусиите на романската европратеничка Норица Николај и на унгарскиот Лајош Бокрош.
Бокрош констатира дека е „срамно е што една земја не може да напредува во ЕУ интеграцијата десет години откако доби статус на кандидат само поради спорот со името.“
Норица Николај побара да се прекине со хипокризијата кон Македонија и да не се бара од неа, она што не се почитува и во другите земји па дури и членки на ЕУ. Таа притоа оцени дека во Македонија ќе се мери успехот или неуспехот на политиката на проширување на ЕУ.
Грчкиот шеф на дипломатијата Евангелос Венизиелос, во својство на претседавач со Советот на ЕУ, пред Европскиот парламент мораше да излезе од таа функција и да ги обајснува грчките ставови во однос на Македонија. Односно дека проблемот со името според него не е билатерален, туку меѓународен проблем.
Денешната резолуција, нема обврзувачки карактер, но има големо политичко влијание, овде во Стразбур таа е оценета како како доста позитивна за Македонија. Останува да се види дали Советот на ЕУ конечно ќе ги испочитува препоркаите на Европскиот парламент и Комисијата.
За МРТ од Стразбур- Тони Гламчевски
