Борбите во Украина ескалираат, ОН повикува на примирје
Претседателот Порошенко е загрижен дека партнерството меѓу Трамп и Путин би можело да го реактивира конфликтот од пред две години.

Советот за безбедност на ОН повика на итно враќање на примирјето во Украина каде што во последните три дена во жестоки борби загинаа најмалку 13 луѓе. Украинската војска и сепаратистите поддржани од Русија ги продолжија судирите во Доњецк и Авдивка каде што илјадници луѓе останаа без вода и струја на температури под нулата. Во план е евакуација на жителите за да се избегне хуманитарна криза.
Претседателот Петро Порошенко ја откажа посетата на Берлин и ги свика Советот за националната безбедност и за одбрана. Загрижен е дека доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД и неговата соработка со Владимир Путин, повторно ќе го распламтат конфликтот од 2014 година.
„Нашите војници одлично ги бранат своите позиции. За првпат по долг период, масивен артилериски напад беше извршен против цивилите и нашите трупи. Ги прашувам оние кои зборуваат за тргнување на санкциите, што уште треба да се изведе агресорот пред правдата?“, изјави претседателот на Украина, Петро Порошенко.
Во Њујорк беше усвоена изјавата од Киев во која Советот за безбедност повика на итен прекин на огнот. Русија, којашто е постојана членка на Советот, не се спротивстави на документот иако во минатото редовно ги блокираше изјавите поднесени од Украина.
Речиси 10 илјади луѓе загинаа во конфликтот кој почна во 2014 година кога Русија го анектираше Крим. Проруските бунтовници подоцна отворија воен фронт во источниот дел, па поради тоа САД и Еу воведоа санкции за Русија. Но официјална Москва негира дека ги поддржува бунтовниците.
Маја Филдишев
