Претседателот Иванов се консултира со партиите
Почнаа консултациите на претседателот Иванов со партиите кои освоија пратенички мандати на декемвриските избори. На пладне тој се сретна со раководството на движењето БЕСА, потоа имаше средба со првите луѓе на Алијансата за Албанците, а во моментов шефот на државата разговара со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Како дел од консултациите со политичките партии за актуелната политичката состојба во Македонија и формирањето нова влада, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов одржува средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Иванов претходно имаше одвоени средби со раководствата на БЕСА и на Алијансата за Албанците. Лидерите на Беса и на Алијансата за Албанците, Билал Касами и Зијадин Села, по разговорите со Иванов не дадоа изјави за медиумите.
Во претседателската вила „Водно“ попладнево шефот на државата треба да има средби и со лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Иванов со претставници на „Алијанса за Албанците“
На консултации со претседателот Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, биле поканети и претставници на ДПА.
Шефот на државата вчера оствари средба со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, а во понеделникот со шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.
