„Зимско патување“- рецитал на Благој Нацоски во МОБ

01.02.2017 15:21

Зимското патување од Франц Шуберт, циклус од 24 соло песни за глас и пијано, на 3-ти февруари ќе биде преточено во рецитал во изведба на познатиот македонски тенор Благој Нацоски, во придружба на композиторот Дино Имери на пијано. Рециталот го режира Дејан Прошев.

„Зимско патување“ е рециталот на македонскиот тенор и амбасадор на културата Благој Нацоски, кој ќе се одржи в петок на големата сцена во Македонската опера и балет. Циклусот од 24 соло песни за првпат ќе биде изведен во Македонија. „Зимско патување“ е последниот циклус кој го напишал Шуберт во неговиот живот. Тој е еден од најпознатите циклуси за глас и пијано во цела музичка литература. 

„Досега интегрално никогаш не бил изведен и за мене тоа претставува уште поголема одговорност и задоволство. Се работи за еден маж кој ја изгубил својата љубов и скита во зимски период, наидувајќи на различни случки и на некој начин како да го бара својот пат. Многумина различно го интерпретираат тоа, дали го бара својот пат кон вечниот дом, саканата, својот мир“, изјави Нацоски.

Нацоски најави дека на 12, 13 и 14 мај годинава ќе изведе три шубертови вечери во Палермо, Италија. Првпат годинава ќе настапи и на Деновите на македонската музика во април. 

Во Македонската опера и балет концерт ќе одржи и светски познатиот пијанист Ричард Клајдерман во придружба на жичан октет. Светскиот виртуоз пред скопската публика ќе се претстави со неговите безвременски композиции кои ја воодушевуваат публиката на сите континенти. Ричард Клајдерман е француски уметник со рекордна продажба на албуми, кој го има популаризирано пијаното ширум светот повеќе од кој било, после Бетовен.

 

Дијана Ценевска