Птичји грип: Кривични пријави за сопствениците што нема да ја дадат живината за уништување
Од вчера започна уништувањето на живината во струшкото село Мороишта, каде што лабораториски е утврдено присуство на птичји грип од типот H5N8. Дел од жителите се спротивставуваат поради оваа мерка поради што не е исклучена можноста да добијат кривични пријави.

Ветеринарни екипи од вчера вршат уништување на живината во струшкото село Мороишта, каде што беше потврдено присуство на вирусот на птичји грип. Иако од Агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека сопствениците ќе бидат обештетени дел од жителите не соработуваат поради што против нив ќе бидат поднесени кривични пријави.
„Што има да се плашиме, не било прв пат ова и пред неколку години се случи ова. Пцовисуваа ама не знаевме од што. Што знаеме ние што е птичји грип, сега овие години излезе тоа“.
„Имам живина, околу 20 кокошки чувам, се мачиме некое јајце да извадиме. Ветеринарите требаше пред тоа да поминат, да направат дезинфекција. Јас не знам ама ние како да сме под опсада, секое возило се стопира. Сите се плашат во селото да дојдат, велат што е проблемот, никој не знае што е птичји гроп“.
„Ја заклаа цела живина ама гулабите, птиците не можат да ги заколат. Симптомите биле пред една недела кај гулабари, прелетниот дивеч не можат да го заколат. дали е ефикасна мерката“- велат жители на селото.
Во 105 домаќинства во Мороишта се евидентирани 3.000 броја на живина која треба да биде целосно уништена бидеќи се работи за високо патоген вирус.
„Јас би сакал да упатам само еден апел до сопствениците и имателите на живина, дека не се работи за заразна болест, дека треба да соработуваат со органите на Агенцијата за храна и ветеринарство и целокупната живина што ја имаат на располагање да ја дадат, затоа што тоа е само единствен начин да се справиме со оваа болест“, изјави Оливер Ивановски, раководител на Државна инспекција за здравствена заштита на животните.
Во моментот се врши активен мониторинг и се прогласени заштитни зони и зони под надзор од три до 10 километри околу селото Мороишта.
Сашо Нелоски
