Караџовски: СЈО е инфантилно и пристрасно

01.02.2017 16:12

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски смета дека Специјалното јавно обвинителство е инфантилно и пристрасно со тоа што објави дека предметите што се паднале кај еден судија, без причина, му биле одземени и дадени на други две судијки, кои потоа ги отфрлија барањата за претрес кај поранешни и сегашни функционери. Реагираа и од Кривичниот суд.

СЈО треба да работи во рамки на законите и овластувањата, вели првиот човек на Судскиот совет, Караџовски. „Сега имаме ситуација за некое дејствие што било на 20 јануари, а се објавува на 30 јануари. Дали тоа коинцидира со некои настани во државава или не, тоа е тема за дискусија“, рече Караџовски во врска со обвинувањата на СЈО за наводните местења судии кога треба да се решава по нивните предлози.

Преку соопштение, реагираше и Кривичниот суд. За судот е нејасно зошто, и покрај воспоставените процедури, јавниот обвинител Лиле Стефанова не ги испочитувала. Од таму прашуваат зошто  се упатила директно до дежурниот судија на претходна постапка наместо да ги внесе во Акмис системот бидејќи за тоа имала време ако се има предвид дека судот работи до 16:30 часот, а дежурниот судија постапува после работното време.

„Дополнително, зачудува заканувачкиот вокабулар во писмените дописи и јавни соопштенија на СЈО кон судот и судиите, а јавното повторување на имињата и презимињата на судии на претходна постапка и судии во кривичните совети кои постапуваат по конкретни предмети не можат да  влијаат врз судиите во овој суд и нивното непристрасно и законито одлучување“, стои во соопштението на Кривичниот суд.

Реакциите пристигнаа откако СЈО објави имиња на 8 судии од Криивчниот суд кои според нив одбивале да издадат наредби за претреси на актуелни и поранешни функционери и дека дека барањата поднесени до дежурен судија биле префрлени на друг судија.

Фиљана Кока