ЕУ бара широка коалиција, за ВМРО-ДПМНЕ ваквото барање нема основа во Уставот

01.02.2017 16:28

Широка коалиција се бара за справување со сите предизвици, одговори гласноговорничката на Европската комисија, Коцијанчич, на барањето од ВМРО-ДПМНЕ за дообјаснување на ставовите на Брисел откако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не договорија нова влада. Од партијата со контра реакција, барањето на Коцијанчич нема основа во Уставот. Од Американската амбасада пак остануваат на вчерашниот допис за политичката состојба во земјава. Ставот дека не треба да има нови избори не е на официјален Вашингтон, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ние мислевме на потребата да има широк политички консензус и широка коалиција, со што земјата ќе може ефикасно да се справи со многуте предизвици што и претстојат. Спроведувањето на итните реформски приоритети, договорот од Пржино и решавањето на билатералните прашања ќе бара силна посветеност од сите политички партии, соопшти портпаролката на Eвропската комисија, Маја Коцијанчич, по вчерашното барање од ВМРО-ДПМНЕ да ги дообјасни позициите на Унијата. Ако партиите работат заедно, ќе имаат де факто уставно мнозинство што е важно за патот кон Европската унија, укажува гласноговорничката на европската комисија.

„Јас не се занимавам со интерпретации, јас ја претставувам позицијата на Европската унија. Таа е јасна и конзистентна во текот на целиот процес. Ние повикавме на брзо формирање влада во Поранешната Југословенска Република Македонија, гледаме потреба од широк политички консензус и од широкобазирана коалиција поради реформите и работата што претстои. Ги поздравуваме напорите на претседателот Иванов, кој е во контакт со сите политички актери“, изјави Коцијанчич.

Портпаролката Маја Коцијанчич нема одговор на прашањето врз основа на кој дел од Уставот,  Европската унија го советува претседателот Иванов да определи нов лидер на кој ќе му го додели мандатот, бидејќи таков дел во уставот нема, реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Проблемот поради кој не почнаа преговорите со ЕУ, а кој вчера индиректно го спомна Коцијанчич е билатералниот спор со Грција. За негово решавање не е потребна широка коалиција во парламентот, туку минимум политичка волја на Грција земјава да се приклучи на унијата, стои во дописот.

„Не добивме одговор ниту на прашањето дали за секое формирање влада во Европа, Унијата бара на прес- конференција широка коалиција. Не беше одговорено, затоа што такво нешто не постои. Во земјите во Европа тоа би се толкувало како директно мешање на Унијата во внатрешните демократски и политички процеси кога некој однадвор јавно би барал кој со кого да коалицира и како да изгледа коалицијата, широка или тесна“- стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека најдобро решение се предвремени избори и до крај ќе се залагаат за тоа. Од американската амбасада остануваат на ставот по прашањето на ВМРО-ДПМНЕ јавно да одговори дали е против идејата на партијата за нови избори. Оттаму вчера соопштија  дека го набљудуваат процесот на формирање Влада, со апел до партиите да продолжат со разговорите за нејзино формирање. ВМРО-ДПМНЕ се заблагодарува на одговорот на амбасадата на САД. Тој е краток и кажува се, стои во писмената реакција од партијата.

„Очигледно е дека нема потврда дека станува збор за официјален став и сугестија на новата администрација во Вашингтон дека не треба да има нови избори, односно дека партиите во сегашниот состав мора да разговараат за формирање на идната влада“- велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквите реакции и контра реакции доаѓаат откако во неделата на полноќ истече рокот за формирање влада и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ дека нема договор со ДУИ за парламентарно мнозинство.

Милчо Велески