Иванов: Прво доказ за мнозинство, а потоа мандат за Влада
Одвоени средби на претседателот Иванов со лидерите на 5-те политички партии. ДПА не се одѕва на поканата. По разговорите, Заев со изјава дека услов за мандат се потписите од 61 пратеник. Ахмети, пак, со акцент дека клучот е во рацете на претседателот. Шефот на државата изјави дека мандатот ќе го даде на оној којшто ќе докаже дека обезбедил мнозинство во Собранието.

Прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на влада, согласно Членот 90 од Уставот на Република Македонија, став на претседателот Ѓорге Иванов по целодневните консултации со лидерите на политичките партии. Шефот на државата рече дека мандат за состав на влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе го извести и докаже дека обезбедила мнозинство, односно 61 пратеник во Собранието. На консултациите било разгледано и прашањето што ќе се случи доколку никој не може да формира влада.
„Од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија“, рече претседателот Иванов.
Претседателот Иванов денеска оствари средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на која се разговарало за актуелната политичка состојба во земјава, а претходно двочасовни консултации имаше и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Дојдов во Вила Водно за да го добијам мандатот, рече Заев, на што Иванов му одговорил ако СДСМ има 61 пратеник тогаш партијата ќе го добие мандатот. За лидерот на СДСМ нови избори не се опција. Со сличен став по средбата во вилата Водно излезе и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој рече дека сите опции за формирање Влада се отворени и клучот сега не е кај него, туку кај Иванов. Интегративците продолжуваат со внатрепартиски консултации.
„Укажувањето беше дека треба да докажеме ние дека имаме мнозинство, согласно Уставот, за формирање на Владата, а тоа е 61 пратеник најмалку - како доказ со својот потпис да биде доставено до кабинетот на Ѓорге Иванов, со што дури тогаш ќе добиеме мандат за формирање Влада. Тоа се деталите од разговорите. Согласно тие детали, ние ќе ги донесеме нашите одлуки“, изјави Заев по средбата со Иванов.
„Јас не сум клучот, клучот го префрлив кај претседателот. Каде претседателот ќе го однесе клучот... не знам. Треба заеднички да се ангажираме да ги изградиме институциите за да преземеме одговорност и да се соочиме со било каква криза која може да ни се случи во иднина“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
За актуелната политичка состојба претседателот Иванов разговараше и со лидерите на движењето БЕСА и Алијансата на Албанците. Иако беа поканети, ДПА не се појавија на консултации.
Овие средби се на иницијатива на претседателот Иванов, отако истече 20- дневниот рок за составување парламентарно мнозинство и Влада. Шефот на државата вчера се сретна и со претседателот на Уставниот суд, Ивановски.
Викторија Милевска
