Романија: Петмина повредени, 60 приведени во протестите
Најмалку пет лица се повредени, а 60 се приведени во судир на демонстрантите и полицијата по синоќешните протести во Букурешт и другите романски градови. Протестите се поради владиниот декрет со кој се намалува казната за корупција, со што голем број политичари може да бидат поштедени од кривично гонење.

Најмалку пет лица се повредени, а 60 се приведени во судир на демонстрантите и припадници на силите за безбедност за време на протестите во Букурешт и другите романски градови, кои се сметаат за најмасовните од падот на комунизмот во 1989 година. Граѓаните протестираа поради декретот, кој го донесе владата по итна постапка, со кој се намалува казната за корупција, со што голем број политичари може да бидат поштедени од кривично гонење. Се проценува дека на улиците ширум Романија излегле меѓу 200 и 300 илјади луѓе. Дел од нив ги напаѓале силите за безбедност со шишиња, петарди и камења, на што тие одговориле со солзавец.
„Двајца мои пријатели беа затворени без причина. Се обложувам дека ги тепале во полиција. Мислеа дека се навивачи. И мене сакаа да ме истепаат. Но, ние не сме насилни. Само мислиме дека ова што се случува не е нормално, донесуваат закони без консултации. Ова отиде предалеку. Ова не е политика, ова е насилство“, изјави еден демонстрант.
Поранешната пратеничка од романската владејачка Социјалдемократска партија, Аурелија Криста, ја напушти партијата, поради, како што наведе, прифаќањето на законот за помилување и владиниот став за промена на казнениот кодекс. Оставка поради спорните мерки поднесе и министерот за трговија Флорин Жијану. На својата Фејсбук страница тој напиша: „Ја завршувам својата активност бидејќи тоа ми го налага совеста“.
Се огласи и Европската комисија која ја предупреди Романија дека одобрените средства од фондовите на Унијата би можеле да бидат прекинати поради усвоените измени.
Романија е една од европските држави со највисок степен на корупција во државната администрација и во многу области на јавниот живот. Обвиниелите наведоа дека постојат околу две илјади случаи на злоупотреба на власта со вкупна штета од милијарда евра, нанесена изминатите три години.
Марина Автовска
